Почитувани колеги,
Македонската асоцијација за фетална медицина – МАФМ и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, поддржана од Македонското лекарско друштво – МЛД и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, на 15-ти декември, во Hotel Double Tree Hilton – Скопје, ќе реализираат теоретска обука за плацентарна и фетална ултразвучна доплер проценка во прв, втор и трет триместар од бременоста.
Ова е втора обука која ќе се реализира во рамките на меморандум за соработка потпишан во текот на минатата година помеѓу Министерството за надворешни работи на Република Грција и Министерството за здравство на Република Северна Македонија, а истата ќе ја спроведат еминентниот Проф. Д-р Кипрос Николаидес, неговите делегирани едукатори Проф. Д-р Петја Чавеева и Проф. Д-р Темистоклис Дагклис, Проф. Д-р Ана Данева Маркова и Доц. Д-р Елена Џикова.
Обуката има за цел континуирана медицинска едукација на сите оние кои се активно вклучени во антенаталната нега и феталната медицина (специјалистите и специјализанти по гинекологија и акушерство) преку унапредување на стекнатите знаења и вештини кои имплементирани во клиничката пракса ќе помогнат да се воспостават високи стандарди и компетентност за ултразвучна проценка на плацентарната и феталната циркулација кај високоризичните, но и бременостите со низок ризик.
Теоретскиот дел низ предавање, приказ на случаи и опсежни дискусии ќе ја посочи улогата на ултразвучниот доплер во проценка на нарушената плацентарна перфузија – рано идентификување и соодветен менаџмент на нејзините компликации како прееклампсија, интраутериното ограничување на растот на плодот и перинаталната смрт; улогата на доплеровите ултразвучни наоди кај близначките бремености; и хемодинаските одговори на феталната анемија.
Настанот е акредитиран од МЛД и ЛКСРМ, а котизацијата изнесува 800 денари.